Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова изјави дека Македонија не може да напредува кон членство во Европската Унија без промена на уставот и внесување на Бугарите во него. Таа од Минхенската безбедносна конференција порача дека тоа, според неа, не е само барање на Софија, туку одамна е и политика на Европската Унија.

Изјавата Јотова ја даде по средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Во Минхен со Кошта се сретна и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Според објавените фотографии, средбите се одржале во ист простор.

Јотова изјави дека на средбата со Кошта разговарале за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, со посебен фокус на евроинтегративниот процес на  Македонија. Таа изрази загриженост поради информации дека македонските власти бараат алтернативен пат и се обидуваат да го заобиколат првиот кластер од преговорите, кој се однесува на фундаменталните вредности и човековите права.

Според неа, Бугарија нема да се согласи на таков пристап. „Додека нема промена во уставот на Македонија и впишување на Бугарите таму, не може да има никакво придвижување“, изјави Јотова.