На Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ во Скопје вчера првпат беше изведена трансплантација на лигамент од починат донор. Млад 34-годишен пациент со сериозна повреда на десното колено, доби мекоткивен графт експлантиран од починат донор.
Операцијата ја изведе ортопедскиот хирург д-р Алан Андоновски заедно со неговиот тим од клиниката.
Д-р Андоновски посочи дека се работи за ревизија на скинат преден вкрстен лигамент на десното колено, што е прилично честа повреда кај физички и спортски активната популација.
-Ревизијата се направи со графт од починат донор. Пациентот постоперативно се чувствува одлично и пред него е период на рехабилитација, додаде ортопедскиот хирург.
Како што соопштија од Клиниката, ова е нивна деветта трансплантација од починат донор во последните десет месеци, а од почетокот на минатата година е возобновена и Банката за коскени ткива каде се чуваат експлантираните графтови.
– По првата експлантација што ја направи тимот од Клиниката на 17 април минатата година, до денес се направени пет експлантации и девет трансплантаци на коскено и меко ткиво. На пет пациенти со малигна болест им беше трансплантирано здраво коскено ткиво, со што значтелно им се подобри нивниот квалитет на живот, а денес прв пат трансплантиравме и мекоткивен графт односно лигамент кај млад пациент со сериозна повреда, рече д-р Александар Трајановски, директор на Клинината за ТОАРИЛУЦ Скопје.
Инаку, од Клиниката посочуваат дека повредата на меките ткива, лигаментите и тетивите е многу честа кај младите лица, особено кај активните спортисти, а само успешен оперативен третман може да гарантира враќање кон редовните спортски активности.
Д-р Милена Богојевска Доксевска, болнички координатор на Клиниката за Ортопедија напомена дека со првата употреба на мекоткивен графт на оваа клиника, почнува ново поглавје во реконструктивната ортопедска хирургија.
Во 2021 година во земјава се направени девет експлантации од починат донор и притоа 16 пациенти добија бубрези, петмина срце и кај осум пациенти беа трансплантирани коскени ткива. Минатата недела беше направена и првата трансплантација од починат донор годинава. Двајца пациенти добија бубрези, а кај млад пацинет беше трансплантирано срце.
Д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координинатор за трансплантација додаде дека пациентите кои добија орган се во стабилна состојба и се опоравуваат полека на Клиниката за Урологија и на Клиниката за Кардиохирургија.
– Мило ми е што оваа трансплантација на Клиниката за Ортопедија се случи само неколку дена по првата експлантација од починат донор годинава, која се направи минатиот петок. По одлуката на едно храбро семејство да ги донираат органите од својот близок, во саботата наутро беа направени три трансплантации, две на бубрези и една на срце. Би сакала уште еднаш да се заблагодарам јавно на семејството кое со својата добрина и хуманост спаси најмалку три животи, додаде д-р Мојсова Мијовска.