Блокадите на северот на Косово влегоа во 13 -от ден. Припадниците на косовската специјална полиција поставија постојан контролен пункт на патот Косовска Митровица – Лепосавиќ, контролирајќи ги возилата и патниците кои минуваат. Косовската полиција соопшти дека ги следи наводите во одредени медиуми за „киднапирања, тепања и малтретирање на одредени припадници на српската заедница од страна на членови на криминални структури на северот“.
„Косовската полиција, нејзините соодветни единици, сериозно постапува со оваа информација и ги презема потребните истражни дејствија за нивно разјаснување.“ – изјави косовската полиција.
Додека се чека КФОР да одлучи за барањето на Белград за враќање на 1.000 припадници на српските сили на Косово, претседателот Александар Вучиќ вели дека се очекува одговорот на КФОР да биде негативен.
„Србите не бараат многу, тие го бараат само она што им припаѓа на сите цивилизирани луѓе во Европа. Она на што сите други имаат право, само на Србите им се ускратува. Да бидат слободни, да имаат право да се движат, да одат во училишта и болници, да ги штитат животите и перспективата на своите деца. Тие бараат ослободување на уапсените.“ – изјави Александар Вучиќ претседател на Србија.
Во местото Рударе на северот на Косово се одржа мирен протест на косовските Срби кои порачаа дека Србите се единствени во оваа борба, дека само сакаат да живеат во мир и дека никој не може да им го земе Косово. Протестираа против однесувањето на приштинските власти и побараа правда за уапсените сонародници.
Според српски извори, косовската полиција вратила автобуси со Срби од Штрпце. Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Приштина, Томаш Суниог, оцени дека Заедницата на српски општини нема треба да биде моно-етничка, бидејќи во општините кои ќе бидат вклучени во нејзиното формирање живеат и други заедници. Заедницата, нагласува Суниог, треба да се формира во согласност со Бриселскиот договор, но и во согласност со одлуката на косовскиот парламент, кој го ратификуваше договорот.
Шефот на Делегацијата на ЕУ во Белград, Емануел Жиофре рече дека деноноќно работат на изнаоѓање решение за ситуацијата на северот на Косово – мирно да се отстранат барикадите, а претставниците на Србите да се вратат во институциите.