Словенија целосно ќе го реформира образовниот систем и од 2028 година ќе го замени деветгодишното основно образование со осумгодишна програма, најави министерот за образование, откако 15-годишните ученици од земјата ги постигнаа најлошите резултати досега на тестирањето ПИСА, пренесува „Словенија тајмс“.
Министерот за образование Борут Рончевиќ ги опиша резултатите како „страшно сериозно“ предупредување, бидејќи словенечките ученици забележале пад во сите три тестирани области – читање, математика и природни науки – во споредба со претходното тестирање во 2022 година.
Словенија учествува во Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА), истражување на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за знаењата и вештините на 15-годишниците, веќе 20 години.
Резултатите од 2025 година биле под просекот на ОЕЦД во сите три области. Резултатот по читање паднал од 482 поени во 2022 година на 445, додека просекот на ОЕЦД изнесувал 466 поени. По математика, резултатот паднал од 485 на 460 поени, во споредба со просекот на ОЕЦД од 469, а по природни науки од 500 на 484 поени, што е малку под просекот од 486 поени.
Во 2022 година Словенија била над просекот на ОЕЦД по математика и по природни науки, а под него по читање.
