Во нашата држава сериозно недостасува медицински персонал, но и опрема како возила. Македонија во моментов располага со 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ), пренесува СДК.
Споредено со 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.
Согласно Уредбата за мрежата на итна медицинска помош, секој здравствен дом кој опфаќа до 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош. Доколку, пак, здравствениот дом покрива повеќе од 30.000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10.000 жители.
Па така, во моментов недостасуваат 52 тимови за итна медицинска помош за да се задоволи законскиот минимум, и дури половина од 33-те здравствени центри во земјата имаат помалку тимови од потребните. Најмногу тимови, 18 недостигаат во Скопје, додека во Тетово недостигаат 10 тимови за да се дојде барем до минимум потребните. По пет тимови им недостигаат на Куманово и на Струга.
Слично, најслабо со кадар во итната помош стојат Тетово, каде има еден вработен на 4.172 жители и Скопје и Куманово каде има еден вработен на повеќе од три илјади жители. Колку за споредба, просекот во земјата е 1.350 жители на еден вработен во службата за итна медицинска помош. Еден тим се состои најчесто од доктор, сестра и возач.
Освен во Скопје, каде има 9 тимови во една смена, во сите други градови има само по еден или два тима во една смена, освен Битола каде постојано има 3.
Скопје, како најголем здравствен центар, има и најмногу интервенции на службата на итна медицинска помош – околу 150.000 годишно или 404 просечно дневно. Но, од сите други градови, според бројот на интервенции отскокнува Велес каде во 2022 година имало дури 59.000 интервенции или просечно по 162 интервенции дневно.
Истражувањето на ЦКГ покажа дека не се води евиденција колку повици за барање на брза помош се добиваат, а на колку се оди.
Министерот за здравство Фатмир Меџити минатата недела кажа дека во тек е набавка на 22 нови амбулантни возила, што е најголема таква набавка досега. Од неговото министерство велат дека утврдиле потреба за набавка на нови амбулантни возила за потребите на јавните здравствени установи од причина што најголем број од возилата што се на располагање на установите се застарени, дотраени, со помината поголема километража од техничкиот максимум и амортизирани.
Според истражувањето на ЦКГ од 2019 година, повеќе од половина од здравствените установи во земјата немаат амбулантни и санитетски возила.