Обединетото Кралство останува сериозно посветено на спроведувањето на Договорот Влада со Влада со Македонија, изјави вицепремиерот Александар Николоски по средбата со британскиот министер за бизнис и трговија, Сер Крис Брајан. На средбата присуствуваа и министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Николоски соопшти дека владината делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, започна дводневна работна посета на Обединетото Кралство, во пресрет на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.

„Главната цел зошто сме тука е Берлинскиот процес, односно средбите на највисоко ниво кои ќе се одржат во текот на утрешниот ден. Берлинскиот процес го организира лично премиерот Кир Стармер и повторно ќе имаме чест премиерот Мицкоски да разговара со премиерот Стармер“, изјави Николоски.

Тој најави дека премиерот Мицкоски денеска ќе има прием кај британскиот крал Чарлс, што, според Николоски, претставува големо признание и ретка чест за Македонија.

„Имаме доста средби со членовите на Владата, само што завршивме со средба со министерот за трговија и економија, најзначајниот министер за нас, затоа што токму со овој ресор го потпишавме Договорот Влада со Влада, со кој на Македонија ѝ се ставаат на располгање 6 милијарди евра за инфраструктурни проекти“, рече Николоски.

Тој додаде дека се разговарало за развојот на брзата пруга на Коридор 10 и дека по завршување на локалните избори ќе почне реализацијата на проектите за болниците во Штип, Тетово и Кичево, како и други инфраструктурни инвестиции.

Во рамките на посетата, делегацијата ќе оствари средби и со директорот на Инструментот за меѓународна поддршка на Обединетото Кралство и со министерот за Европа и Северна Америка. Николоски најави и потпишување меѓудржавен договор со британскиот министер за транспорт за соработка во областа на воздушниот сообраќај, што ќе овозможи зголемен број директни летови меѓу Англија и Македонија.

„Тука се и неколку финансиски институции со кои ќе разговараме за финансирање на големите проекти, така што и политичката и економската димензија на посетата се огромни. И првата средба покажа дека сме на добра патека – Обединетото Кралство е силно посветено на реализацијата на Договорот Влада со Влада“, истакна Николоски.

Министерството за транспорт и врски соопшти дека на средбата со министерот Сер Крис Брајан биле нагласени стабилните економски и политички односи меѓу двете земји и високото ниво на трговска соработка.

„Македонија е на пат да реализира огромни инфраструктурни проекти во делот на железничкиот и патниот транспорт и здравството, со силна поддршка од Владата на Велика Британија преку Договорот за соработка“, се наведува во соопштението.

Владината делегација, предводена од премиерот Мицкоски, ќе присуствува на Самитот за Западен Балкан – Берлински процес, кој се одржува во Лондон.