-Премногу е. Премногу е поради корупцијата. Премногу е поради распаднатото здравство. Премногу е поради врските во институциите, аферите, селективната правда, поточно неправдата за секој еден граѓанин. Поради чекањето. Премногу е поради предавствата, поради лошите предавнички договори и поради понижувањата. Поради луѓето кои невини седат по затворите и луѓето кои виновни не се во затворите. Поради поскапувањето. Поради одземената иднина. И затоа сме тука. И затоа се потребни промени, промени за промена на Македонија – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пред насобраната толпа на вечерашниот протест кој се одржува под мотото „Протест за промени, затоа што премногу е“.

Толпата едногласно скандираше избори, а Мицкоски пред народот насобран пред Владата во Скопје посочи:

-Многумина блиски до власта ми велат што по митингот на 18-ти? Ќе падне ли веднаш власта? Одговорот е дека никогаш не ветив дека тоа ќе се случи брзо. Меѓутоа, гледајќи колку народ е излеан на улиците пред зградата на Владата која е симбол за народниот пораз овие пет години! Повеќе од сигурен сум! Знам дека тоа ќе се случи! На локалните изборите ви ветив борба и таа борба донесе голема победа. И денес ви ветувам борба и ви кажувам дека сето ова ќе донесе голема победа. Триумф на победничка Македонија! Уверен сум и тврдам дека денес се случува народ, а на секоја власт на која ѝ се случува народ, прашање е на време кога ќе се втурне во провалијата на темните страни на нашата национална историја и ќе падне со целиот нејзин срам и страв. И оние кои велат – аха, значи не можете да ја соборите власта брзо – одговорот ќе го најдат во фактот што ниту една власт која узурпирала толку многу како оваа, што го ограбила народот толку брутално како оваа, и врз кој извршила толку брутални предавства како овие – не може да си замине преку ноќ со само еден народен собир! Но јас одовде ви ветувам триумф! историски тримуф, борба до последна капка пот, борба со последниот атом! Заедно да се бориме и да се избориме за крај на оваа мрачна ера на криминал и предавства која го носи потписот на СДСМ!