На руските и белоруските тенисери нема да им биде дозволено да учествуваат на Вимблдон, пренесува „РИА Новости спорт“.

Според изворот, одлуката била донесена во текот на вчерашниот ден. Ова го потврди висок тениски функционер кој сакаше да остане анонимен бидејќи нема овластување да зборува за Грен слемот во Англија.

Вимблдон ќе биде првиот тениски турнир на кој им се забранува пристап на Русите во натпреварувањето. Во моментов, спортистите од Русија и Белорусија можат да се натпреваруваат на АТП и ВТА турнирите со неутрален статус.

Претходно, британскиот министер за спорт Најџел Хадлстон објави дека од руските и од белоруските тенисери ќе биде побарано да потпишат декларации за отсуство на врски со Русија или Белорусија пред да им дозволат да учествуваат на турнирот.

Вимблдон, еден од четирите Грен слем турнири, ќе се игра од 27 јуни до 10 јули годинава.