Одлуката за набавка на видеолотариските апарати е потврдена преку усвоените финансиски планови и планот за јавни набавки. Постапката е целосно во согласност со Законот за трговските друштва и Статутот на компанијата, изјави бранителот на првообвинетиот Перпарим Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, по завршувањето на денешното судско рочиште за случајот „Државна лотарија“ во Основниот кривичен суд Скопје.

Првообвинет во предметот е поранешниот генерален директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, додека второобвинет е поранешниот вицепремиер Артан Груби, а во рамки на постапката се обвинети уште седум други лица.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со исказот на сведокот Христо Најданов, кој посочи дека на седница на Управниот одбор немало посебна расправа за набавката иако биле усвојувани финансиски планови во кои за февруари била предвидена набавката, адвокатот Миланов подвлече дека сеќавањето на сведокот не ги поништува официјалните акти.

„Сведокот изјави дека не е сигурен и дека не се сеќава дали таквата одлука и материјалите за нејзино донесување биле доставени и дали била донесена. Тоа што тој не се сеќава е една работа, но сите овие прашања се потврдени со одлуките што биле донесени при усвојувањето на финансиските планови. Исто така, и планот за јавни набавки е документ што го донеле директорот и Управниот одбор, при што и во тој дел се донесени соодветни одлуки“, посочи Миланов.

Тој појасни дека целата постапка се водела преку законските надлежности на органите на управување, со задолжение директно од Надзорниот одбор на акционерското друштво.

„Во конкретниот случај, имаме одлука на Надзорниот одбор, донесена врз основа на конкретен член од Статутот, односно членот 33, со кој се утврдени неговите права и обврски за контрола и одлучување. Фактички, Надзорниот одбор донесува одлука со која го задолжува директорот тоа да го спроведе. Сметам дека таквата одлука е целосно во согласност со Законот за трговските друштва и дека во таа насока нема апсолутно никаква пречка. Дали се согласувам со некоја одлука или донесувам одлука со која ве задолжувам да постапите на одреден начин, сето тоа е во надлежност на Надзорниот одбор, имајќи го предвид утврдениот праг за голема зделка, односно над 20 отсто од вредноста на компанијата“, истакна Миланов.

Во врска со дилемите за електронскиот начин на кој членовите на Управниот одбор ги добивале и усвојувале материјалите, Миланов посочи дека таквата практика произлегла од вонредните протоколи за време на пандемијата.

„Во тој дел не сакав да навлегувам, но сведокот во својот исказ јасно наведе дека одлучувањето по електронски пат започнало во периодот на пандемијата. Сега, сведокот, секако, по временска дистанца од четири години, можеби не може да го посочи точниот период кога започнало таквото одлучување. Сепак, неспорен факт е дека поголемиот број институции во државата, па дури и Владата, претпоставувам, во тој период донесувале одлуки на тој начин, особено за време на пандемијата, кога движењето и собирањето поголем број луѓе во одреден простор беа ограничени“, наведе адвокатот по рочиштето.

На денешното судско рочиште сведочеше поранешниот член на Управниот одбор на Државна лотарија, Христо Најданов. Тој пред судот изјави дека Управниот одбор не донел посебна одлука за набавка на видео-лотариските терминали и дека потребата од нивна набавка не фигурирала како посебна точка на дневниот ред. Најданов, кој функцијата ја извршувал од 2017 година до 2 февруари 2024 година, наведе дека за време на неговиот мандат таква одлука не била донесена, иако потврди дека за проширување на дејноста и организирање електронски игри на среќа се воделе разговори уште во периодот на поранешната директорка Катица Николовска Парнакова.

На сите обвинети во предметот „Државна лотарија“ им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5, во врска со ставовите 4 и 1, како и член 22 од Кривичниот законик. Според обвинителниот акт, дејствијата биле извршени во текот на 2023 и 2024 година, а за ова кривично дело е предвидена затворска казна во траење од една до пет години.