ладата за понеделник закажа средба со производителите и дистрибутерите откако контролите на Државниот пазарен инспекторат покажале дека малопродажните цени на дел од основните производи растеле значително побрзо од набавните. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши оцени дека дел од поскапувањето е последица на зголемените бруто-профитни маржи кај одредени трговци.
Според податоците од контролите, кои опфатиле повеќе од 700 производи, во периодот од мај 2025 до мај 2026 година просечните набавни цени на основните прехранбени производи и средствата за хигиена се зголемиле за 2,66 проценти, додека просечните продажни цени пораснале за 4,56 проценти.
Дурмиши, по седницата на Економско-социјалниот совет, рече дека разликата покажува оти дел од растот на малопродажните цени произлегува од повисоките маржи што ги пресметувале одредени трговци.
„Тоа значи дека дел од растот на малопродажните цени на прехранбените и на другите производи се должи на бруто-профитната маржа, која одредени трговци ја зголемиле оваа година. Кога се намалиле набавните цени, тие не ги намалиле своите продажни цени“, рече Дурмиши.
Тој најави дека на состанокот во понеделник со производителите и дистрибутерите ќе се разговара за продажните и набавните цени при набавка на големи количества производи.
Министерот се повика и на најновите податоци на Државниот завод за статистика, според кои инфлацијата овој месец е намалена за 0,5 проценти. Цените на храната и безалкохолните пијалаци се намалиле за 1,1 проценти, а цените во транспортот за 1,6 проценти.
Сепак, анализата за периодот од март до јуни 2026 година покажала поинаков тренд кај производителите. Во тој период набавните цени се зголемиле за околу 2,04 проценти, додека продажните цени пораснале за само 0,16 проценти.
Според Дурмиши, овие показатели значат дека трендот на зголемување на бруто-профитните маржи во последните месеци е забавен и дека цените се наоѓаат во стабилна фаза.
„Во период од една година бруто-профитната маржа кај трговците се зголемила, но тоа не се однесува на последните месеци. Од март до јуни годинава зголемувањето изнесува само 0,16 проценти, што покажува дека состојбата е стабилна“, рече министерот.
Во однос на потрошувачката кошничка, Дурмиши информираше дека ова прашање не било на дневен ред на денешната седница на Економско-социјалниот совет.
Тој потсети дека потрошувачката кошничка веќе била разгледувана од претставниците во Советот и дека се очекуваат нивните забелешки и предлози. Прашањето, како што рече, ќе биде вклучено во националната стратегија, повторно ќе се разгледува на следните седници и потоа ќе биде достапно за јавноста.
