Епидемиолошката состојба со сипаниците кај овците и козите во земјава се усложнува, откако од почетокот на јули се потврдени уште 10 нови жаришта во повеќе општини. Со тоа, вкупниот број регистрирани жаришта од крајот на јануари до денес достигна 17, а болеста опфати над 2.700 животни.
Новите жаришта се потврдени на подрачјето на Македонска Каменица, Кочани, Делчево, Свети Николе и Куманово. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека состојбата внимателно се следи и уверуваат дека болеста не претставува опасност за здравјето на луѓето.
„Од почетокот на јули на територијата на државата потврдени се вкупно 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози во неколку општини, со што вкупната бројка од крајот на јануари до денес достигна 17 жаришта со над 2.700 животни. Сакаме да ја смириме јавноста и да потенцираме дека оваа болест не претставува никаква опасност за здравјето на луѓето. Нашите стручни служби будно ја следат состојбата на терен и ги преземаат сите потребни заштитни протоколи за да се спречи понатамошното ширење меѓу стадата“, велат од АХВ.
Главниот фокус на надлежните е ставен на брза реакција, изолација на жариштата и спречување на понатамошното ширење на вирусот. Како дел од мерките, досега е извршена депопулација на повеќе од 1.400 животни во засегнатите одгледувалишта.
Во тек е координација со локалните власти за определување безбедни локации на кои ќе се врши закопување на добитокот од новопотврдените жаришта. По добивањето согласност за локациите, мерката ќе продолжи и во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе.
„Досега е извршена депопулација на над 1.400 животни во засегнатите одгледувалишта, а по добивањето согласност за локациите за закопување, веднаш ќе продолжиме со оваа мерка и во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе“, додаваат од Агенцијата.
Паралелно, претставници на АХВ одржале итни состаноци со здруженијата на одгледувачи на овци, со цел сточарите веднаш да ги применат најстрогите биосигурносни мерки на фармите и навреме да пријават каква било промена кај животните.
„Во постојан контакт сме со здруженијата на одгледувачи на овци, кои детално ги информираме за спроведувањето на биосигурносните мерки. Апелираме до сите сточари веднаш да ги пријават евентуалните сомнежи за болеста до ветеринарните друштва или до официјалните ветеринари, за да можеме навремено и ефикасно да реагираме“, посочуваат од АХВ.
Ветеринарните власти апелираат на максимална сериозност и одговорност од сите чинители во сточарскиот сектор. Навременото пријавување на сомнителни случаи и почитувањето на забраните за движење на добитокот во загрозените зони се клучни за спречување на ширењето на болеста и на поголема економска штета во домашното овчарство.
