Делегација на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, предводена од началникот на Генералштабот на ВС, генерал Габор Беренди престојува во дводневна официјална посета на Армијата на Република Македонија.
По приемот со високи воени почести, во Кампот за обука на вода во Охрид, генерал Габор Беренди оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. На средбата се разговараше за досегашната билатерална соработка помеѓу двете сојузнички НАТО армии и можностите за понатамошно унапредување на истата, преку конкретни активности од заемен интерес (обука и вежби, размена на искуства и користење на капацитетите за обука). Притоа беше констатирано дека билатералната меѓу армиска соработка, која во континуитет е на високо ниво, придонесува кон безбедноста и стабилноста во регионот.
За време на официјалниот состанок, делегацијата од ВС на Унгарија беше запознаена со процесот на трансформација и модернизација на Армијата на Република Македонија, структурата на специјалните сили, билатералната соработка помеѓу специјалните сили и капацитетите на АП „Криволак“.
Во рамки на заедничката обука со специјалните сили на ВС на Унгарија беше изведена методско-показна вежба „Препад на пловен објект и командно место“, како и тактичко-технички збор на кој беше прикажана дел од опремата која се користи за време на обуката. По завршување на вежбата генералите истакнаа дека со оваа заедничка обука, покрај зајакнување на интероперабилноста се зајакнува и меѓусебното пријателство.
Поддршката за време на природни непогоди, како и учеството на припадници на воениот оркестар на ВС на Унгарија на концертот кој традиционално се изведува неколку години во пресрет на Нова година, дополнително го зајакнува силното партнерство и соработка.