Владата ќе продолжи со реализација на проекти за граѓаните и дополнителни инвестиции во социјалното домување. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска во Дебар на пуштањето во употреба на новиот станбен објект и доделувањето на клучеви за социјалните станови на семејства од ранливите категории.
-Ние како Влада се обврзавме дека ќе реализираме проекти за граѓаните. За жал, нешто што со децении било запоставувано не може да се реши преку ноќ, но се трудиме да ги реализираме приоритетите, да не создаваме нови проблеми и постепено да ги решаваме наследените предизвици, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека еден од таквите предизвици е токму овој објект во Дебар, но и останатите проекти кои се реализираат во општината во соработка со локалната самоуправа и надлежните институции.
Тој се заблагодари на директорот и тимот кој работел на реализацијата на проектот, на градоначалникот на Дебар, членовите на Советот, општинската администрација, како и на вицепремиерот и министер за транспорт и останатите членови на Владата кои ги поддржуваат овие активности.
Мицкоски информираше дека низ државата во моментов има повеќе од 1.200 активни градилишта, оценувајќи дека тоа е доказ дека Македонија се гради.
-Планираме и следната година, преку децентрализација на средства од буџетот, дополнително да финансираме проекти во општините, додаде премиерот.
На крајот, тој им упати честитки на корисниците на становите и им посака многу убави моменти во нивните нови домови.
