НБРМ и Евростат потврдија: Македонија е меѓу земјите со најнизок БДП по жител во Европа, стои во соопштението на СДСМ од денеска.

Само 43 % од просекот на ЕУ. Во регионот – речиси на дното. Ова не е статистика. Ова е реалноста што граѓаните ја чувствуваат секој ден: празни фрижидери, ниски плати, млади што заминуваат, држава што тоне во изолација. Додека Мицкоски раскажуваше бајки дека сме „трета економија во Европа“, па потоа дека сме веќе „прва“, Европа официјално потврди – ние сме меѓу најсиромашните, велат од СДСМ.

ЕУ носи конкретни работи што граѓаните ги чувствуваат во џебот и во секојдневниот живот:

• пристап до огромни фондови за патишта, болници, училишта, земјоделство и поддршка на бизниси

• повисоки плати и пензии преку интеграција на пазарот и европски стандарди

• слободно движење – без часови чекање на граница и без понижување

• независно судство и европско обвинителство што ги тера политичарите да одговараат

• перспектива за младите да останат и да работат овде, а не да бегаат

Тоа е разликата меѓу држава што тоне и држава што се развива. Тоа е разликата меѓу бајките на Мицкоски и реалниот живот, велат од Опозицијата.

Затоа ни е потребна Европа. Не затоа што некој ни наложува. Туку затоа што без неа, а со Мицкоски, остануваме таму каде што сме – на дното, велат од СДСМ.