Извештајот е подготвен пред Меѓународниот ден за запирање на насилството врз жените, што ќе се одбележи во четврток. Тој е објавен за Комитетот за унапредување на жените и родовата еднаквост, со кој претседава пратеничката од „Здружената листа“, Аида Тума-Слиман.
Меѓу 2019 и 2020 година во Израел се регистрирани повеќе од 10.000 случаи на сексуални кривични дела со позната жртва, а не е констатирана позначителна разлика во бројот на пријавени случаи по години (околу 5.200 во 2019 година и сличен број во 2020 година).
Но, иако бројот на случаи остана приближно ист, бројот на инциденти со сексуални кривични дела се зголеми за пет отсто со детално опишување на секое сексулано посегнување. Додека во 2019 година беа документирани вкупно 4.160 вакви инциденти, во 2020 година нивниот број се зголеми на 4.340, објави „Џерусалем Пост“.
Ваквото зголемување најмногу се должи на сексуалното вознемирување и социјалната безобразност.
Се смета дека минатогодишните блокади се причина за зголемувањето на овие конкретни настани, поради специфичниот раст на инцидентите кои се пријавени дека се случиле на интернет.
Во извештајот се наведува дека „мажите го сочинуваат апсолутното мнозинство од осомничените во полициските предмети за сексуални кривични дела со позната жртва, без оглед на возраста или полот на жртвата“.
До август 2021 година, кога беше спроведено истражувањето, 70 отсто од инцидентите пријавени меѓу 2019 и 2020 година вклучуваа осомничен кој веќе имал барем уште еден претходен случај против него во полицијата. Повеќе од половината од сите осомничени имале најмалку три претходни случаи, а 34 отсто имале повеќе од седум отворени случаи против нив.
Значителен број случаи иницирани во последните две години се уште не се истражени или затворени и се уште се во тек, се додава во извештајот за Кнесетот.
Правни постапки се преземени само во седум отсто од случаите во 2019 година и само во три отсто од случаите минатата година.