Бизнисот го вклучи алармот, поради скапата струја, ќе се затворат над 30 отсто од компаниите, а над 10 илјади работници ќе останат без работа. Компаниите што се снабдуваат на слободниот пазар, бараат намалување на цената на струјата или поддршка од државата поради раст на трошоците за производство за седум пати. Како што велат од Организацијата на работодавачи за ВЕЧЕР, нашите трговци почнале да купуваат производи од Србија и од соседните земји, бидејќи домашните се неконкурентни. Оттаму велат дека доколку не им помогне државата на овие компании, последиците врз домашната економија ќе бидат многу поголеми отколку да се задолжи државата.

– Кога се качи струјата на светските берзи над 400 евра за мегават-час, многу компании ги затворија бизнисите. Се очекува нов бран затворања во јануари и во февруари, бидејќи се очекува цената на струјата на берзите да скокне над 500 евра за мегават-час. Со оглед на тоа дека компаниите од Србија и од Босна и Херцеговина плаќаат три пати поевтина струја од нашата, логично е нивните производи да бидат поевтини од нашите. Тоа ќе ги натера трговците да ги купуваат истите производи однадвор, а нашите да затворат – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи

Компаниите бараат субвенции за струјата доколку се качи таа над 200 евра за мегават-час на светските берзи, а оваа помош, како што вели Димитров, би ја чинело државата седум милиони евра месечно.

– Владата треба да размисли дали да зема кредити и да се задолжува или да се затворат компаниите, да има помалку приходи во буџетот и над 10 илјади работници да останат без работа. Државата вели дека нема пари во буџетот, но доколку затворат над 30 отсто од компаниите, последиците ќе бидат многу поголеми – појаснува Димитров.

Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, потврди дека актуелните цени на електричната енергија се причина за затворање на голем број  економски субјекти.

– Владата прави напор во делот на малите потрошувачи да има намалување на цената. Тоа се 65.000 субјекти, а имаме информација дека 7.000 правни субјекти веќе затвориле. Треба да ѝ се помогне на таа категорија потрошувачи, тука ќе има значително намалување на цената – најави Ковачевски.