Инспекциите ја следеа безбедноста на храната и здравствената заштита на животните
Во 2025 година, официјалните ветеринари и инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведоа над 125.000 инспекциски контроли низ целата земја, со цел да се обезбеди безбедноста на храната и благосостојбата на животните.
Контролите опфатија домашно производство, дистрибуција, угостителски објекти, како и увоз и извоз на храна. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, НАССР системот за безбедност на храната и правилното означување на производите, како и мониторинг на храната и здравствената заштита на животните.
Контроли според ризик и санкции
Високо ризичните оператори со храна беа почесто контролирани во споредба со оние со низок ризик. Во рамки на редовните и вонредните инспекции во внатрешниот промет, извршени се 47.200 контроли. Издадени се 5.406 решенија, поднесени 10 прекршочни пријави, а изречени се 1.073 прекршочни платни налози со вкупна вредност од 618.010 евра во денарска противвредност. Поднесени беа и осум кривични пријави од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
При контролите, небезбедната храна, вклучително месо, млеко, јаткасти плодови, јајца, риба, кондиторски производи и пијалаци, беше одземена и уништена во количина од 355.377 килограми.
Контроли на увоз и транзит
Инспекциските служби спроведоа 78.016 контроли на увозни и транзитни пратки со храна, добиточна храна, живи животни и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Во овој период, како небезбедни се уништени 8 пратки со храна од неживотинско потекло (69.785 килограми), а една пратка беше вратена на земјата извозник. Од храната од животинско потекло, три пратки беа уништени во вкупна количина од 22.061 килограми, додека 16 пратки беа вратени.
