Информативни денови се одржаа во Ресен, Охрид и Кичево

Повеќе од 2.800 апликации пристигнале минатата недела на трите јавни повици од мерката „Самовработување со грант“, која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година.

Во рамки на промоцијата на мерката, денеска во Ресен, Охрид и Кичево беа организирани информативни денови. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, заменик-директорката на Агенцијата за вработување и претставници на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво ИНОВА ги презентираа деталите за Оперативниот план, како и за активните јавни повици од мерката „Самовработување со грант“.

За мерката се обезбедени 22,3 милиони евра

За мерката „Самовработување со грант“ годинава се предвидени 1.377.303.780 денари, односно 22,3 милиони евра.

Со овие средства ќе се овозможи 2.043 лица да започнат сопствен бизнис. Тоа претставува зголемување за 313 лица во споредба со минатата година.

Мерката „Самовработување – Претприемништво“ е поделена на три подмерки. За лицата до 29 години е предвиден грант до 10.000 евра. За лицата над 29 години грантот изнесува до 7.000 евра. Преку здружување во ДОО може да се добијат средства од 14.000 до 20.000 евра.

Годинава е воведен и нов услов за аплицирање. Лицата кои сакаат да ја користат мерката треба да имаат најмалку завршено средно образование. Како нова категорија се вклучени и повратниците од странство, кои исто така ќе можат да ги користат овие средства.

Јавните повици се отворени до 3 јули

Сите невработени лица кои се заинтересирани за мерката можат да добијат дополнителни информации во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Информации се достапни и преку контакт-центарот на телефон 02-3111-850, како и на веб-страницата на Агенцијата за вработување.

Јавните повици ќе бидат отворени до 3 јули 2026 година.