Новите стапки треба да ги намалат трошоците на домашните компании
Домашните компании што увезуваат суровини и репроматеријали од 1 јули ќе плаќаат пониски царини за 70 производи, откако Собранието денеска ги усвои измените на Законот за Царинската тарифа. Со мерката се продолжува усогласувањето на царинските стапки со оние што важат во Европската Унија.
Со измените се опфатени суровини и репроматеријали што се користат во домашното производство. Целта е да се намалат трошоците на компаниите, особено во преработувачката индустрија, како и да се создадат поповолни услови за производство и извоз.
Мерката треба да придонесе за поголема извозна конкурентност на домашните компании, поттикнување на инвестициите, отворање нови работни места и зголемување на девизниот прилив.
Измените се продолжение на ланските реформи
Новите законски решенија се подготвени во консултација со стопанските комори. Воедно, тие претставуваат продолжение на реформите што започнаа минатата година, кога од 1 јули 2025 година беа намалени царинските стапки до 50 проценти од нивото што се применува во Европската Унија.
Со последните измени се предвидува целосно усогласување на царинските стапки за овие производи со царините што важат во Европската Унија. Притоа, земени се предвид и правилата на Светската трговска организација.
„Со усвојувањето на овој закон испраќаме јасна порака дека сме посветени на создавање поконкурентна и поотпорна домашна економија. Од 1 јули компаниите ќе имаат пониски трошоци за набавка на суровини и репроматеријали, што директно ќе влијае врз нивната продуктивност, конкурентност и извозен потенцијал. Нашата цел е македонските компании да имаат услови што се споредливи со оние во Европската унија, да инвестираат повеќе, да отвораат нови работни места и да создаваат поголема додадена вредност во економијата“, кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Поддршка за индустријата и нови инвестиции
Димитриеска-Кочоска посочи дека Владата ќе продолжи да спроведува политики насочени кон создавање предвидливо и поволно деловно окружување. Таа нагласи дека целта е и понатаму да се развива партнерството со бизнис-заедницата, да се забрза економскиот раст и да се обезбеди повисок животен стандард за граѓаните.
Според законските измени, директна корист од мерката се очекува да имаат автомобилската индустрија, металопреработувачката индустрија и металургијата. Дополнително, се очекува позитивен ефект врз извозот, инвестициите, девизниот прилив и бројот на вработувања.
