Волонтерите на Црвениот крст на Република Македонија, Општинската организација Крива Паланка, денеска спроведоа теренски активности за заштита на населението од топлотниот бран. Во центарот на Крива Паланка беа поделени повеќе од 200 шишиња флаширана вода, а граѓаните добиваа и едукативни флаери со препораки за заштита од високите температури.
Во рамки на активностите, волонтерите бесплатно им го проверуваа крвниот притисок и шеќерот во крвта на граѓаните. Акцијата беше организирана поради најавените екстремно високи температури.
– Со оглед на најавените екстремно високи температури, денес спроведовме теренски активности за заштита од топлотен бран. Поделени се над двесте шишиња флаширана вода, поделени се едукативни флаери со препораки за заштита од топлотен бран, а волонтерите реализираа бесплатна проверка на крвен притисок и шеќер во крвта. Ова се само дел од препораките за населението, со акцент на тоа да останат хидрирани, да избегнуваат изложување на сонце во најтоплиот дел од денот и да се грижат за сопственото здравје – информира Маја Илиевска, секретар на ОО Црвен крст Крива Паланка.
Илиевска посочи дека навремената превенција, заедничката грижа и одговорното однесување се важни за полесно справување со предизвиците што ги носи топлотниот бран, но и со сите предизвици во животот.
