Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати денеска оствари средба со германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер. На разговорот биле разгледани заедничките приоритети за унапредување на процесите насочени кон инклузивност, еднакви можности, меѓусебна доверба и создавање поинклузивно и поодржливо општество.
Ферати и Дрекслер ја нагласиле важноста од продолжување на реформите и одржување на политичката посветеност, оценувајќи ги како клучни фактори за напредокот на земјата кон интеграцијата во Европската Унија.
Министерот на средбата ја информирал амбасадорката за годишната програма на Министерството за односи меѓу заедниците, како и за планираните активности со кои треба директно да се придонесе кон зајакнување на општествената кохезија, промовирање на дијалогот и јакнење на довербата меѓу етничките заедници.
Во тој контекст, била истакната потребата од продолжување на заедничките институционални напори за создавање стабилна клима на соработка и меѓусебно разбирање.
На средбата било разговарано и за идните проекти и можностите за реализација на нови иницијативи од заеднички интерес. Посебно внимание било посветено на активното вклучување на младите во консултативните процеси при изработката на стратегиите, но и во спроведувањето на различните активности на Министерството.
Целта е нивниот глас и перспектива да бидат составен дел од идните политики и проекти што придонесуваат за развојот на општеството и неговото приближување кон Европската Унија.
