Кривични пријави се поднесени против правно лице од село во општина Македонски Брод и три физички лица поради сомнение за повеќе кривични дела, меѓу кои кражба, незаконски превоз и несовесно работење. Според полицијата, евидентирана е и значителна материјална штета на ЈП „Национални шуми“.

Од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево информираат дека пријава е поднесена против правното лице и Б.Б.(21) од Кичево, управител на фирмата, поради две кривични дела „кражба“. Против Б.Б.(45) од село Пласница е поднесена пријава за „вршење јавен превоз без поседување лиценца“ и „употреба на исправа со невистинити содржини“, додека против Г.П.(50) од Кичево, вработен во ЈП „Национални шуми“, за „несовесно работење во службата“.

Според пријавата, во текот на 2024 и 2025 година првопријавениот склучил купопродажни договори за огревно дрво со ЈП „Национални шуми“, подружница Лопушник – Кичево. На 27.08.2025 година, врз основа на тие договори, четвртопријавениот изготвил испратница со невистинити податоци, која третопријавениот ја користел како доказ во правниот сообраќај и со товарно возило „ман“ ги превезувал дрвата без да поседува лиценца.

Покрај тоа, правното лице извршило кражба на дополнителни 852,5 кубни метри огревно дрво, со што на буџетот на ЈП „Национални шуми“ му е нанесена штета од околу 3.191.760 денари.