Сите кои немаат влезници за Олимписките и Параолимписките игри 2024 во Париз ќе можат да купат почнувајќи од денеска, објавија организаторите.

За разлика од првите фази, во оваа нема да има наградна игра и влезниците ќе се продаваат според принципот „прв дојден, прв услужен“.

Во продажба ќе бидат пуштени 400.000 влезници за натпреварувачкиот дел на Олимписките и Параолимписките игри, како и за церемониите на отворањето и затворањето.

Нема да се продаваат само влезници за турнирот во сурфање кој ќе се одржи во Тахити и ќе може да се следи бесплатно.

Третина од влезниците во оваа фаза ќе се продаваат по цена пониска од 50 евра.

Најскапите влезници за ОИ 2024 чинат 2.700 евра за церемонијата на отворањето, а најевтините билети чинат 24 евра.

Организаторите објавија дека досега се продадени 7.2 милиони влезници од 10 милиони колку што беа на располагање за ОИ, а идната година ќе бидат пуштени во продажба дополнителни билети.