Прва доза вакцина вчера примиле 5401 граѓанин, а вчера вкупно се вакцинирале 12 821 лице. Со последните бројки, барем една доза вакцина примиле 58 отсто од населението над 70 години, 55 отсто повозрасни од 65 години, 50 проценти од населението над 60 години и 40 проценти од граѓаните што имаат над 50 години.

– Голем е интересот за вакцинација без закажан термин. Со прва доза и без закажан термин се вакцинираат возрасни лица што сакаат да се вакцинираат, во пунктовите во здравствените домови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, наведува Министерството за здравство и апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање како единствен начин за надминување на епидемијата.