Респираторен синцијален вирус, што порано се јавуваше во зима е причина за моментно згрижување на повеќе од педесет доенчиња и дечиња на претшколска возраст во Општата болница во Гевгелија кои развиваат дури и тешка бронхопневмонија која обично е пропратена со грипот, загрижено вели доктор Љупка Урумова, началничка на детското одделение.
– Наместо појава на стомачни проблеми, кои вообичаено се јавуваат во летниот период, ние се соочуваме со бронхопневмонии со тешка симптоматологија која сме ја немале ниту во зимските периоди кога бројот на пациентите достигнал и над стотина. На неколку мали пациенти дури им е потребна и кислородна поддршка, вели Урумова.
Синцијалниот респираторен вирус, според Урумова, поради ковид пандемијата веројатно ги помешал временските периоди и по олабавувањето на заштитните мерки повторно ни се јавува.
– Добро се справуваме со младите пациенти кои со соодветна терапија и придружба на своите мајки, се лекуваат на детското одделение во гевгелиската Општа болница, а само незначителен број се пратени на лекување во Скопје, рече таа.
Урумова, заради транспарентност на моментната состојба, информираше дека во соработка со епидемиолог Сашко Олумчев во Скопје биле испратени материјали за геномско секвенционирање кое ќе покаже дали причината треба да се бара во Делта сојот или пак се работи за респираторен вирус кој ја „помешал” сезоната.