Ги нема веќе редиците пред бензиските пумпи. Од полноќ во Македонија се точи гориво по значително повисоки цени, но почетната паника кај еден дел од граѓаните спласнува. Впрочем вече почна да паѓа и цената на светските берзи на горивата.

Премиерот Христијан Мицкоски не гледа причина за прогласување кризна состојба, вели дека Македонија има доволно нафта, а и дека цените и покрај покачувањата и понатаму се најниски во регионот. Доброто е и тоа што по рекордниот скок на светските цени на сировата нафта од 120 долари по барел, синоќа нагло падна па на светските берзи се продаваше за цена под 90 долари.

Аналитичарите сметаат дека причина за тоа е состанокот на државите од групата Г7 кои се согласија да ослободат дел од нивните резерви за да се смири пазарот, но и разговорот на Трамп и Путин, како и изјавата на американскиот претседател дека војната со Иран е речиси при крај.

Инаку, доколку македонската Регулаторна комисија не го сменеше Правилникот за цените да се одредуваат еднаш неделно, секој понеделник, веќе денес повторно ќе можеше да се направи корекција и цените од вчера, веќе утре ќе се намалеа.