Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, најави одржување на протест на 7 ноември. Тој на прес-конференција побара законски измени за поранешните припадници на одбраната кои ја напуштиле службата по навршување на 45 години возраст.
„На 7-ми ноември да испратиме јасна порака дека е доста од празни ветувања. Бараме законски решенија, плати и правда за поранешните припадници на АРМ“, рече Насковски.
Тој истакна дека проблемот за статусот на поранешните војници влече корени од пред многу години и побара институциите итно да постапат по нивните барања, за кои посочи дека веќе е доставен и предлог-закон до Собранието.
Од друга страна, отворено се отвораат прашања за правната основаност на ваквите чекори, имајќи предвид дека законските одредби не можат да имаат ретроактивно дејство. На војниците им се целосно исплатени законските средства и отпремнини според прописите и колективните договори што важеле во моментот на нивното демобилизирање или пензионирање, а тековните финансиски исплати во одбраната се одвиваат редовно по неодамнешното трајно регулирање на статусот на војниците по 45-тата година.
Судската пракса исто така покажува дека дел од лицата кои се обиделе преку судски пат да издејствуваат вакви побарувања, веќе се соочиле со негативни пресуди, со образложение дека таквите барања немаат законска поткрепа.
Синдикалниот претставник се соочува и со правни постапки. Против него се поднесени кривични пријави, меѓу кои и од страна на Министерството за одбрана преку министерот Владо Мисајловски, за кривични дела поврзани со измама, фалсификување исправи и неовластено користење и злоупотреба на лични податоци.
Според наводите во пријавата, постои основано сомнение дека во периодот од април до ноември 2023 година била прибавена материјална корист од 551.500 денари на штета на ресорното министерство, со упатување известувања за исплата на синдикална членарина на нова сметка преку новоформиран огранок без прибавена согласност од членството. Насковски претходно беше предмет на пријави и од други синдикални организации.
