Владата очекува официјален одговор од студентските претставници за предложениот нов модел на субвенциониран студентски оброк. На средбата што се одржа во Владата биле разгледани деталите за финансиската поддршка, но и отворените прашања поврзани со полагањето на правосудниот испит.
Владиниот план предвидува покачување на субвенцијата за студентскиот оброк од сегашните 3.500 на 4.500 денари на месечно ниво. За спроведување на мерката е предвидено воведување дигитална алатка преку платформата „М.услуги“ со користење на вештачка интелигенција, како и договарање попусти со трговците, рестораните и маркетите.
„Имавме конструктивна средба која траеше два часа. Ние им го објаснивме предлогот што го има Владата и цениме дека тој предлог е многу подобро решение од тоа што сега го имаат, за што и тие се согласија. Сега чекаме повратен одговор. Ни беше ветено дека истиот ден, до вечерта, ќе добиеме драфт-верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите. Не ја добивме. Денеска е втор ден и се надевам дека ќе ја добиеме“, изјави Мицкоски.
Предлогот има за цел средствата строго наменски да се користат исклучиво за набавка на храна и пијалаци, како вода, млеко и јогурт, а дополнителните попусти за студентите да важат дури и по исцрпувањето на месечниот износ.
Во врска со правосудниот испит, беше појаснето дека предлогот изготвен од Министерството за правда нуди институционален баланс и ќе биде доставен до Венецијанската комисија.
„Решението што го нудиме е решение кое од една страна нуди задоволување на правото да се полага испитот на јазикот на кој е завршено високото образование, односно правото на својот мајчин јазик, а од друга страна да имаме владеење на правото, затоа што принципот „франка лингва“, односно еден јазик во правосудството, е практично главната препорака во мислењето што го дава Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците“, рече Мицкоски.
