Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека амбасадорот во Прага Сашо Тодоровски е отповикан поради неправилности, а тврди и дека неговата сопруга, професорката Мирјана Најчевска, лажно се претставувала како културен аташе на амбасадата.

Од друга страна, сопругата на Тодоровски, професорката Мирјана Најчевска тврди Toдоровски самиот поднел оставка и оти станува збор за хајка поради нејзините критички ставови во јавноста, како и заради несогласување на нејзиниот сопруг како амбасадор во Прага со начинот на функционирање на министерството.

„Мојот сопруг не се согласи со барањето на Османи (кој самиот изјави дека одговара единствено пред Али Ахмети) да го известува него и само него на дневна основа и во лична комуникација надвор од каналите на министерството, со заобиколување на Владата и на Претседателот на државата за случувањата во државата во која е поставен за амбасадор. Значи Османи ги прекрши Уставот и законите што дипломат професионалец како мојот сопруг не можеше и не си дозволи да го толерира (за што пред неколку месеци достави претставка до Владата и до Претседателот на државата). Со оглед на тоа дека никој не реагираше на наводите во дописот во кој беа посочени отворени акти на дискриминација од страна на Османи, мобинг и основи за сомневање за направени кривични дела, мојот сопруг поднесе оставка.

А на неписмениот лакеј на Али Ахмети кој се претставува како министер за надворешни работи некој треба да му каже дека сопругите и сопрузите на амбасадорите добиваат средства во висина од 10 проценти од платата на амбасадорот не за да се шетаат и да се проводат, туку за извршување на дипломатски задачи кои им ги доделува амбасадорот“, вели Најчевска на социјалните мрежи.