Музиката и мозокот и влијанието врз когнитивните способности

Активното занимавање со музика може значително да влијае врз мозочната функција. Неврологот Бајбинг Чен посочува дека ваквите активности ги зајакнуваат мозочните мрежи. Тој нагласува дека музичката ангажираност придонесува и за подобрување на когнитивните способности.

Иако активности како читање, решавање загатки и учење јазици се веќе познати по позитивното влијание, музиката има посебен ефект. Според него, таа може да делува поинтензивно врз мозокот.

Активно учество наместо пасивно слушање

Д-р Чен, познат и како д-р Бинг, својата теза ја објасни во видео објавено на TikTok.

„Невронауката покажува дека музиката може да биде една од најдобрите работи за вашиот мозок“, рече тој. „Сите велат дека музиката е добра за мозокот, но ако тоа беше доволно, секој што слуша музика ќе беше гениј.“

Тој објасни дека најголемите придобивки не доаѓаат од слушање, туку од активно учество.

„Невронауката покажува дека најголемите придобивки од музиката за мозокот не доаѓаат од пасивно слушање, туку од активно учество. Кога пеете, свирите инструмент или танцувате, вашиот мозок активира повеќе мозочни мрежи истовремено. Оваа активација на речиси целиот мозок ги зајакнува врските меѓу регионите и ја поттикнува невронската пластичност“, рече д-р Чен.

Дополнително, тој посочи дека ваквата активност може да влијае и на структурата на мозокот.

„Постојат вистински докази дека учењето музика може структурно да го промени мозокот. Музичарите имаат тенденција да имаат посилни врски помеѓу левата и десната хемисфера преку “corpus callosum”, како и подобра слушна обработка и работна меморија“, додаде тој.

Различни начини на музичка ангажираност

Сепак, според него, не е неопходно секој да свири инструмент. Важно е музиката да вклучува активно учество.

„Ако не сте музичар, важно е како ја користите музиката. Важно е таа активно да ве ангажира, било да се работи за учење нов инструмент, танцување на сложени ритми или пеење во хор. Сето тоа вклучува внимание, меморија и координација“, објасни тој.

Тој нагласи дека токму менталниот напор има најголемо значење.

„Токму тој ментален напор ги зајакнува вашите мозочни мрежи. Споредете го тоа со пасивна музика во позадина додека скролате на телефонот или возите. Тогаш вашиот мозок речиси и да не мора да работи. Значи, музиката сама по себе е моќна, но придобивките за мозокот доаѓаат од учеството во неа, а не само од слушањето.“