Српската полиција го уапси С. М. (1977), татко на 17-годишниот ученик што утринава пукаше во Првото техничко училиште во Крагуевац, при што полесно беа повредени две вработени – соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.

Таткото е осомничен за кривично дело недозволено поседување и носење огнено оружје, муниција и експлозивни материи, бидејќи, според сомневањата на полицијата, нелегално ја поседувал малокалибарската пушка што неговиот син утринава ја употребил во училиштето. Малолетникот, ученик во четврта година, е уапсен под сомнение за обид за тешко убиство.

Според досегашните сознанија на полицијата, 17-годишникот донел пушка во училиштето и испукал еден куршум кон портирницата. Проектилот го пробил стаклото и ја погодил во ногата 50-годишната вработена во училиштето, додека друга вработена, исто така, се здобила со повреда на ногата од парчињата скршено стакло. Пукањето се случило за време на наставата, поради што во ходниците и во училишниот двор немало ученици, а по инцидентот сите деца биле безбедно евакуирани.

Во Полициската управа во Крагуевац утринава околу 8 часот било пријавено дека непознато лице со пушка влегло во Првото техничко училиште, по што веднаш биле известени сите расположливи полициски патроли – соопшти министерството. На местото на настанот прва пристигнала патрола на интервентната единица, која во соработка со училишниот полицаец го лоцирала осомничениот 17-годишник и шест минути по првичната пријава безбедно го совладала и уапсила, при што го пронашла и оружјето.

На С. М. ќе му биде одреден притвор до 48 часа, по што, со кривична пријава, ќе биде приведен пред надлежното обвинителство, додека малолетникот, по сослушувањето, ќе биде изведен пред судија за малолетници на Вишиот суд во Крагуевац.

Полициските службеници, во соработка со надлежното обвинителство, ги утврдуваат сите околности на настанот, а во тек се претреси на објекти и собирање докази. Во соопштението се додава дека Полициската управа во Крагуевац во изминатиот период не примила пријава или известување што би можело да се доведе во врска со овој настан.