Источна Европа повторно доминира меѓу најповолните дестинации

Ново истражување за трошоците за патување откри кои европски градови нудат најдобра вредност за туристите во 2026 година, но и кои дестинации можат сериозно да го оптоварат буџетот. Анализата доаѓа во период кога сè повеќе патници избираат пократки и поевтини европски патувања наместо скапи далечни дестинации.

Британската „Пост офис травел мани“ во својот најнов „Барометар за градски трошоци“ анализираше 50 европски градови преку 12 различни категории на трошоци за две лица. Во пресметката биле вклучени цени за кафе, пиво, вино, вечера, јавен превоз, туристички атракции и две ноќевања во хотел со три ѕвезди.

Според извештајот, Сараево првпат е рангиран како европски град со најдобра вредност за парите, со вкупни трошоци од околу 287 евра за анализираните ставки.

Покрај Сараево, меѓу првите пет најевтини дестинации се најдоа и Букурешт, Тирана, Белград и словачкиот град Тренчин.

Тирана и Белград меѓу најдобрите избори за евтин одмор

Во извештајот се наведува дека Сараево нуди комбинација од богата историја, пристапни цени и добра гастрономија, што го прави привлечно за туристите кои сакаат поевтин европски одмор.

Тирана е издвоена како град што нуди сè потребно за опуштен градски престој, додека Белград е оценет како одлична дестинација за ноќен живот, ресторани и прошетки покрај река без високите цени карактеристични за поголемите европски метрополи.

Во топ-10 најевтини европски градови за одмор се најдоа и Рига, Лил, Вилнус, Стразбур и Подгорица.

Осло најскап град за туристите во Европа

На спротивниот крај од листата е норвешката престолнина Осло, која е прогласена за најскап европски град за одмор во 2026 година. Според анализата, трошоците за истите 12 ставки таму достигнуваат околу 850 евра.

Меѓу најскапите европски дестинации се и Копенхаген, Единбург, Женева и Барселона.

Во групата најскапи градови влегуваат и Даблин, Амстердам, Корк, Венеција и Мадрид, каде проценетите трошоци за краток престој надминуваат 650 евра.