Бројот на жртвите од железничката несреќа во Шпанија се искачи на најмалку 68 лица. Спасувачките екипи пронајдоа нови тела во уништените вагони на двата брзи воза што утрово се судрија во провинцијата Толедо. Властите предупредуваат дека билансот сè уште не е конечен, бидејќи пребарувањето на остатоците продолжува.

Тешката железничка несреќа се случила во 8.54 часот во близина на Урда, меѓу Лос Јебенес и Урда, на брзата железничка линија Мадрид–Севилја. Во судирот учествувале воз АВЕ на државната компанија „Ренфе“ и воз на приватниот оператор „Ирио“. Неколку вагони излетале од шините, а дел од нив паднале по насипот покрај пругата.

За разлика од првичните информации дека станува збор за директен судир, двата воза се движеле во ист правец. Според досега утврденото, возот на „Ирио“ бил запрен на пругата, а АВЕ на „Ренфе“ удрил во него одзади со голема брзина, по што вагони од двата воза излетале од шините.

Во двата воза имало вкупно 544 патници. Во АВЕ на „Ренфе“ патувале 397 луѓе, а во возот на „Ирио“ 147. Голем број патници се повредени, а спасувачите со часови се пробиваат низ искривените метални конструкции за да стигнат до луѓето во најтешко оштетените вагони.

Првите информации за причината за несреќата упатуваат на сериозен проблем со сигнализацијата и можна човечка грешка. Беше појаснето дека семафорот се вклучил на црвено поради дефект во комуникацискиот систем, што автоматски го запрело железничкиот сообраќај, но потоа била донесена погрешна одлука возот на „Ренфе“ да продолжи со движењето спротивно на протоколот.

Шпанските власти предупредуваат дека конечната причина мора да ја утврди истрагата. Железничкиот инфраструктурен оператор АДИФ ги анализира системите и целата секвенца на настаните пред судирот. Експертите посочуваат дека современите системи за сигнализација во нормални услови треба да спречат два воза што се движат во ист правец да дојдат толку блиску еден до друг.

По несреќата целосно е прекинат брзиот железнички сообраќај меѓу Мадрид, Сиудад Реал и Андалузија. На местото се испратени голем број амбулантни возила, хеликоптери, пожарникари, полиција, форензички екипи и други служби. Премиерот Санчез тргна кон местото на несреќата и изрази солидарност со жртвите и нивните семејства.

Ова е најтешката железничка несреќа во Шпанија по катастрофата кај Сантијаго де Компостела во 2013 година, кога загинаа 80 луѓе. Особено вознемирувачки е што ова е втора голема несреќа на шпанската брза железница годинава, по несреќата во јануари кај Адамус во провинцијата Кордоба во која загинаа 46 лица, каде исто така учествуваа возови на операторите „Ренфе“ и „Ирио“.