Најмодерен паркинг во Македонија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Министерот за здравство, Азир Алиу, вечерва најави дека Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе добие најмодерен паркинг во Македонија, кој ќе вклучува и монтажна катна гаража и целосно смарт управување со просторот. Тој истакна дека оваа инвестиција ќе се реализира без трошоци за Министерството, бидејќи средствата ќе бидат обезбедени од ЈП „Паркинзи – Скопје“.
Алиу информираше дека спојувањето на клиниките во рамки на Клиничкиот центар ќе се спроведува постепено. По изборите, најпрво ќе се интегрираат Кардиологија и Кардиохирургија, а потоа и другите сродни клиники, со цел зголемување на ефикасноста и подобрување на здравствената услуга.
„Малку операции се извршуваат на Кардиохирургија поради недостиг на кадар и разлика помеѓу барањата и понудата. Затоа за прв пат е потпишан Меморандум за соработка со приватните болници“, рече Алиу.
Министерот најави и промена на позитивната листа двапати годишно, со цел ажурирање на лековите, отстранување на застарените и додавање на нови.
„Административниот процес за паркингот заврши и се очекува наскоро да почне изградбата. Очекуваме во рок од три месеци проектот да биде завршен“, подвлече Алиу.
Дигитализацијата и модернизацијата го трансформираат здравствениот систем
Во рамки на дигитализацијата на здравството, министерот рече дека системот „Мој термин“ е оптимизиран, што резултира со намалување на листите за чекање и подобрување на ефикасноста на лекарите. Тој најави и 10-годишна стратегија за здравството во соработка со Министерството за образование, која ќе обезбеди точни бројки за потребниот кадар и инфраструктурата за медицински професии.
„Дигитализацијата е клучен елемент за решавање на проблемите во здравството. Планираме брзи резултати од скринингот и обуки на лекари и сестри во странство“, истакна Алиу.
Министерот додаде дека враќањето на докторите од странство не зависи од платата, туку од инфраструктурата и кариерниот развој, што ќе биде подобрено со новите проекти.