На политичката сцена уште една албанска партија. Станува збор за партијата Европско демократско движење. На основачкото собрание на овој нов политички субјект, како единствен кандидат за претседател беше избран Арјанит Хоџа. За него, ЕДП ќе биде вредност плус на политичката сцена а нивниот фокус ќе биде интеграцијата на земјава во ЕУ, пренесува TV21.mk.

„Првиот предизвик што не очекува е токму предизвикот на уставните измени кои би сакале да ги поминеме затоа што ја отвораат вратата за интеграција во Европската Унија. Во случај да не поминат уставните измени, државата навистина е во опасност да го загуби повеќегодишниот процес кој е изграден со толку труд. Нормално тогаш ќе има различни сценарија и воопшто нема да се позиционираме со политичари и политички структури кои сакаат да ја изолираат државата и не размислуваат за доброто и иднината на граѓаните“, вели Арјанит Хоџа.

Пратеникот Бастри Бајрами сега е дел од оваа партија, додека Хоџа најави дека ќе функционира конструктивно во Собранието. На прашањето дали ќе соработуваат со други политички субјекти до следните избори, Хоџа рече дека како партија ќе бидат во добитни комбинации кои ќе ја обезбедат европската иднина на земјата.

„Апсолутно верувам дека ќе биде победничка и добитна комбинација. Ќе биде како што покажавме во минатото, дека тоа се луѓе од политичка структура со кои патувавме заедно низ годините и верувам дека ќе бидеме во добитни комбинации, но тоа што е поважно, во комбинациите што ќе ја обезбедат европската иднината на земјата“, посочи Арјанит Хоџа.

Хоџа во воведниот говор призна дека неговата партија се отвора во апсурден политички момент, но уверува дека во иднина ќе докажат дека тоа бил правилен потег. Како што најавуваат од партијата, нивното главно внимание ќе биде насочено кон неколку основни точки: значењето на традиционалното семејство, квалитетното образование и здравство, борбата против непотизмот и клиентелизмот, зачувувањето на автохтоните културни вредности, економскиот развој и борбата против криминалот и корупцијата.

Инаку ЕДП се смета како фракција од Движење Беса. Арјанит Хоџа, како нејзин заменик-претседател, не се согласи со лидерот Биљал Касами кога овој реши да се приклучи на албанскиот опозициски фронт со Изет Меџити и Африм Гаши, кои заедно имаат 7 пратеници.