На Попова Шапка попладнево е најстудено, минус осум степени, а максимални седум степени се измерени во Гевгелија и Демир Капија.
Според УХМР, во 16:30 часот минус два степени се измерени во Берово и Крушево, минус еден во Маврови Анови, нула степени во Охрид и Крива Паланка. Два степена се измерени во Штип, Претор и Виница, три во Битола, четири во Тетово и Прилеп, пет во Кавадарци, шест во Скопје – Зајчев Рид, Скопје – Петровец, Велес и Струмица.
Во Пожаране и Ѓуриште има најмногу снег, 20 сантиметри. Во Маврови Анови снежната покривка е 18 сантиметри, во Битола 14, во Крива Паланка и Берово 12, во Лазарополе 11, а десет во Тополчани. Во Прилеп и Охрид снежната покривка е седум сантиметри, пет во Виница, четири во Тетово и еден сантиметар во Штип.
До крајот на денот ќе биде малку до умерено облачно и студено со слаб до умерен северен ветер, повеќе изразен во источните делови и долж Повардарието. Во североисточните делови променливо облачно со провејување на слаб снег.
Во втората половина од ноќта облачноста ќе се намали, освен во југозападните делови каде локално е можна значителна ниска облачност.
Инаку, УХМР соопшти дека утре времето ќе биде сончево и многу студено, особено во утринските часови, кога температурата во најголем дел од земјава ќе се спушти под -5, а на места и под -10 степени.
Во вторник и во среда претпладне се очекува нов влажен бран, на планините и на некои повисоки места со врнежи од снег, а на пониските места со врнежи од дожд. Во вторник ќе дува засилен јужен ветер.
Според УХМР, кон крајот на неделата дневната температура ќе се зголеми.