Мицкоски за трагедијата во „Пулс“: 16 март е најтешкиот ден во мојот живот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска јавно зборуваше за најтешкиот момент во својот живот – трагичната ноќ на 16 март, кога во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 62 млади луѓе. Говорејќи на Самитот „Македонија 2025“, тој ја опиша таа вечер како „рана која никогаш нема да заздрави“.

– Околу 3:30 наутро некој затропа на мојата врата. Тоа беше човек од обезбедувањето на министерот Панче Тошковски. Телефонот не го бев ни проверил додека спиев. Кога ја прочитав пораката, веднаш тргнав кон Кочани со мојот тим – рече Мицкоски, објаснувајќи дека таму веќе бил министерот, а заедно се упатиле во полициската станица.

Тој потенцираше дека вистинската тежина не ја носеле првите информации за трагедијата, туку моментите што следеле, кога требало да се носат брзи и сложени одлуки.

„Го презедов целиот ризик“ – хуманост над политиката

Премиерот откри дека понудата за помош од странство стигнала брзо, но дека не било лесно да се прифати, поради политичките односи со некои од соседите.

– Не беше само медицинско прашање, беше и човечко и политичко. Немаме добри односи со сите соседи, а кога доаѓа понуда за помош, размислувате за сè. Медицинските експерти беа јасни – ако не ги префрлиме, многумина нема да преживеат. Имав неколку секунди да одлучам. Ја прифатив помошта и го презедов целиот ризик врз себе – рече Мицкоски.

62 ЖРТВА ОД ПОЖАРОТ ОД КОЧАНИ: Почина Стојанче Стефанов

Првите 50 повредени пациенти биле веднаш транспортирани во странство, а поддршката од меѓународната заедница пристигнувала и во следните денови. Мицкоски подвлече дека одлуката била тешка, но човечки исправна.

Настанот се одржа во хотелот „Мериот“ во Скопје, во рамките на Самитот „Македонија 2025“, каде премиерот зборуваше за лидерство, визија и справување со кризи.