Додека надлежните мака мачат да најдат начин како допрва да ги мотивираат граѓаните од ризичните групи да примат анти-ковид вакцина, во болниците битката против вирусот ја губат хронично болните што не се имунизирани.
Ова е случај и во Инфективната клиника каде поради компликации од вирусот сега лежат околу 90 пациенти, а во последното деноноќие починале петмина наши сограѓани, сите повозрасни и со дополнителни претходно дијагностицирани заболувања.
И од омикрон се умира и не е точно дека не предизвикува тешка клиничка слика, но кај помал број на пациенти, вели Д-р Милена Стевановиќ која појаснува дека не е се црно и бело во однос на тоа колку ќе не заштити вакцината, но секогаш е подобро да ја имаш, отколку да ја немаш примено.
Притисокот во болниците деновиве се намалува, па сега во болница поради ковид се околу 700 граѓани, од кои 260 во Скопје. Освен Инфективна која брои најголем број на хоспитализации, околу 70 се лекуваат и во „Осми септември“.