Имаме намалување и на државниот и на јавниот долг во вториот квартал и сега сме, би рекол, посебно за државниот долг, на ниво коешто, е најниско од после короната. Имаме намалување за нешто повеќе од 40-тина милиони евра кај државниот и нешто повеќе од 20-тина милиони евра кај јавниот долг во вториот квартал од годината и имаме зголемување на индустриското производство во јуни месец од 6,5 проценти или, ако се земе вториот квартал, е 4 проценти, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Дебар.
Според Мицкоски, тоа се уште неколку лоши вести за опозицијата и оние коишто се молат и сакаат да не успее оваа држава.
Тоа не се добри вести за оние коишто не сакаат да успее оваа земја. Тоа се лоши вести за опозицијата, којашто секој ден конструира, измислува, создава хистерија во општеството, а во суштина сите овие наследени проблеми, односно урнисана држава, ограбена држава, засрамена држава, понижена држава е резултат на оние седум години СДСМ и ДУИ- рече Мицкоски.
Тој нагласи дека како Влада ќе сторат сè што е во нивна моќ тоа да го санираат и, според него, тоа се уште многу лоши вести за опозицијата во периодот што доаѓа.
Тоа се добри вести за граѓаните, односно успеси за државата, за општините и и за граѓаните. И ние како Влада ќе продолжиме така да функционираме во периодот којшто којшто следи. Така што индикаторите на две години напорна работа полека, но сигурно стануваат видливи, успесите доаѓаат и добрите времиња се се пред нас- рече Мицкоски во Дебар, каде што присуствуваше на доделување 47 станови за социјално загрозени категории граѓани.
