Генералниот директор на француската полиција Луј Ложие денеска нареди употребата на шок-бомбата EF-SON за време на сите полициски операции да биде суспендирана до понатамошно известување.

Ограничувањето за употреба на шок-бомби претходно се однесуваше само на средношколските протести, но сега е проширено на сите оперативни ситуации, се наведува во телеграмата на генералниот директор на француската полиција, до која медиумите имале увид.

Француските власти привремено ја суспендираа употребата на шок-бомби на протестите во средните училишта откако 15-годишен ученик ја изгуби раката во градот Ланс.

Во Франција од септември се одржуваат протести иницирани од студенти и ученици што бараат поголеми инвестиции во образовниот систем.

Набргу им се придружија граѓани кои се побунија поради високите трошоци за живот, а демонстрантите бараат зголемување на платите и конкретни социјални и економски мерки од владата.

Синдикатите предупредуваат дека поради зголемувањето на трошоците за живот, куповната моќ на вработените е намалена и дека голем број работници во јавниот сектор имаат основна плата под минималната плата.

Тие веруваат дека досегашните разговори со француската влада не донесоа конкретни резултати.

Францускиот премиер Себастијан Лекурни најави едномесечни разговори за пет области вклучувајќи и итни мерки за зголемување на минималните плати, но синдикатите инсистираат на општо зголемување на платите, а не само на приспособувања на најниските приходи.