Намалување на населението во Македонија: 11 отсто за 13 години

Македонија има огромен проблем со намалување на населението. Загубата е 11,4 проценти во периодот од 2011 до крајот на 2024 година, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат. Според анализата, Македонија е меѓу трите европски држави со највисок пад на населението, веднаш по Албанија и Бугарија.

Албанија, како што објави „euronews.al“, го бележи највисокиот демографски пад во Европа – 18 проценти, додека Бугарија изгубила 12,3 отсто од своето население. Македонија се наоѓа веднаш зад нив со пад од 11,4 проценти.

Миграција и пад на наталитетот ги продлабочуваат загубите

Според податоците, намалувањето на населението во Македонија е резултат на два главни фактори: зголемената емиграција и континуираниот пад на наталитетот. Особено се издвојува емиграцијата на млади лица, кои ја напуштаат државата во потрага по подобри услови за живот и работа.

Црна Гора е единствената земја во регионот која во истиот период бележи мал пораст на бројот на жители – зголемување од 0,6 отсто.

Западноевропските држави, според Евростат, успеале да го зголемат бројот на населението со примена на агресивни имиграциски политики. Еврозоната бележи вкупен раст од 3,2 проценти од 2011 година.