Четворица мажи се повредени во напад со нож што денеска се случил во центарот на Лондон, во близина на туристичкиот Ковент Гарден. Полицијата ја уапсила 47-годишната осомничена, која е задржана под сомнение за напад и поседување офанзивно оружје, пренесе „Си-ен-ен“.

Лондонската Метрополитен полиција соопшти дека повредените се четворица мажи на возраст од 34, 39, 42 и 52 години. Тие биле згрижени на местото на нападот, а потоа сите биле пренесени во болница на лекување.

Осомничената е приведена и останува во полициски притвор додека трае истрагата. Според првичните сознанија на полицијата, инцидентот е поврзан со менталното здравје. Засега нема индиции дека станува збор за поширока закана за јавната безбедност.

Нападот се случил на улицата Ендел, во близина на Ковент Гарден, една од најпосетуваните туристички и трговски зони во центарот на Лондон. Областа е позната по театрите, рестораните, луксузните продавници и Кралската опера.

Лондонската служба за итна медицинска помош соопшти дека повикот за нападот бил примен во 12:29 часот по локално време. На местото биле испратени повеќе итни медицински екипи, болничар со возило за брза интервенција, службеник за одговор при инциденти, како и воздушната амбуланта на Лондон.

Четворицата повредени биле медицински згрижени на местото на настанот, по што како итни случаи биле пренесени во специјализиран трауматски центар.