Товарен брод под индиско знаме потона во Црвеното Море откако бил погоден со проектил во близина на западниот брег на Јемен. Сите 14 членови на екипажот се спасени, меѓу кои 13 индиски морнари и еден Јеменец, објави „НДТВ“.
Бродот „МСВ Фаиз Нуре Олија“ бил нападнат на околу 13 наутички милји јужно од јеменскиот пристанишен град Ходеида, кој е под контрола на Хутите. По нападот, бродот се превртел и потонал.
Јеменските сили успеале да ги спасат сите членови на екипажот, по што им била обезбедена медицинска помош. Јеменските Национални сили на отпорот, познати и како Републиканска гарда, соопштија дека спасувањето го спровеле крајбрежната стража и поморските единици.
Министерството за транспорт на Јемен ги обвини Хутите, група поддржана од Иран, дека стојат зад нападот и дека во него бил користен брод натоварен со експлозив. Од Хутите засега нема коментар за обвинувањата.
Индија го осуди нападот
Индискиот министер за пристаништа, бродски транспорт и водни патишта, Сарбананда Соновал, изјави дека товарниот брод бил погоден со проектил.
Тој му нареди на Генералниот директорат за поморска администрација да преземе итни мерки во координација со надлежните институции, со цел да се обезбеди безбедноста на индиските морнари во регионот и да им се обезбеди потребната помош на спасените членови на екипажот.
„Индија најостро го осудува овој непровоциран напад врз незаштитен трговски брод. Безбедноста на нашите луѓе е највисок приоритет. Со олеснување можам да потврдам дека сите 14 морнари, меѓу кои 13 Индијци, беа спасени од јеменската крајбрежна стража и префрлени во пристаништето Мока“, напиша Соновал на „Икс“.
Од индиското Министерство за надворешни работи соопштија дека амбасадата во Ријад внимателно ја следи ситуацијата и е во координација со јеменските власти за да се гарантира безбедноста на екипажот.
Њу Делхи ги оцени нападите врз индиски бродови како „исклучително загрижувачки“ и повика да престанат нападите врз комерцијалните пловни објекти.
#BREAKING: An Indian cargo ship was Hit and Sunk near the Yemeni port of Hudaydah in the Red Sea.
A big question remains why
Indian navy is NOT deployed in the Gulf Region to Protect Indians and Indian ships? pic.twitter.com/LBAf6eher3— Armed Forces Update (@ArmedUpdat1947) August 5, 2026
