Со почетокот на учебната 2021/2022 година кај Народниот правобранител зачестија јавувањата и поплаките од ученици и родители кои се во врска со начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во основните и средните училишта, укажувајќи на неможност да се почитуваат односно спроведуваат во целост Протоколите, но и на конкретни проблеми, наведуваат од канцеларијата на омбудсманот.

Дополнително преку медиумите, додаваат, Народниот правобранител се стекна со сознанија дека на дневна основа расте бројот на заразени ученици и наставници од Ковид-19 , како и бројот на оние кои поради контакт со позитивните случаи се во изолација, што во извесни случаи се и цели паралелки.

Иако средствата за јавно информирање секојдневно известуваат за конкретни бројки на новооткриени позитивни случаи на ученици и наставници ширум државата, ресорното Министерството за медиумите не соопштува конкретни бројки, туку само споделува информација за извесен процент од 0,02 проценти од вкупниот број на ученици, при што се тврди дека интерна трансмисија на вирусот во рамки на училиштата не постои, се вели во соопштението.

Поплаките во однос на реализацијата на наставата кои до Народниот правобранител ги упатиле самите ученици, нивните родители, како и наставници се следниве:

во тек на денот учениците имаат и по 7 часа, со времетраење на часовите со физичко присуство од 40 минути во основното и 45 минути во средното образование. При тоа, поради придржување кон Протоколите учениците потребно е постојано да имаат заштитна маска на лицата, што пак, предизвикува голем замор, придружен со главоболка и намалена концентрација за следење, односно за реализирање на наставата, а кај дел од децата, како што наведуваат родители има осип во пределот на лицето кое е покриено со маска;

главоболките и други непријатности од здравствен аспект кои учениците и наставниците ги чувствуваат се и поради честото или постојаното проветрување на училниците, односно поради целосно отворени прозорци и постојано држење на отворена врата од училниците за време на часовите, поради што учениците во текот на целиот ден се изложени на провев, проблем кој е и сега присутен, а со заладувањето и намалувањето на температурите во следниот период, истиот уште повеќе ќе се потенцира;

неопремени тоалети, недостаток од дезинфекциони средства, течни сапуни и други хигиенски средства во голем број училишта, за кои дел од родителите информираат дека се на нивен трошок;

– создавање на гужва пред влезовите на училиштата поради запазување на Протоколот и обврската за мерење на телесна температура, што е особено присутно во училишта со голем број на ученици, а каде има мал број на влезови, или безконтактни тополомери и расположлив кадар кој би го вршел мерењето, што предизвикува учениците често до доцнат на првиот час;

– голем број на ученици по паралелка, често повеќе од 30 ученици, во училница/и, кои најчесто е/се со простор од околу 30 м2 со што е невозможно одржување на физичка дистанца.

Покрај наведеното, посочуваат во соопштението, учениците кои од медицински или немедицински причини се на онлајн настава се соочуваат со проблеми во следењето на наставата (многу мал број на реализирани часови, често наставниците воопшто не закажуваат часови на Teams, а оние мал број на часови кои досега се реализирани се со придружни технички проблеми како на пример проблеми со интернетот во самите училишта, слаб прием на звук и слика, па така учениците кои следат настава од дома најчесто само добиваат материјали, и тоа само од дел од наставниците, за самостојно совладување на содржините).

Понатаму, недостаток на учебници за голем број ученици, а и оние ученици кои имаат добиено учебници истите се со крајно лош квалитет и дотраени (искинати, ишкртани, без сите страници). Во овој контекст, особен проблем со кој се соочуваат четврто одделенците е тоа што според новата Концепција тие немаат хартиени учебници, туку само е-учебници, кои многу е тешко да бидат поставени на одреден електронски уред. За да учениците имаат дигитални учебници од кои би можеле да учат, најпрво е потребно да имаат ИТ уред, при што истиот треба да биде современ за да може да се симнат од линковите кои ги праќаат наставниците на родителите (постојат различни линкови за Adroid, односно Windows уреди), бидејќи на стари уреди или уреди со мала меморија симнувањето на учебниците е невозможно. Во врска со наведеното, голем број родители во своите јавувања кај Народниот правобранител укажуваат дека имаат проблеми при инсталирањето на е-учебниците, и поради тоа што покрај стабилен интернет треба да имаат и дигитални вештини бидејќи самиот процес на инсталација не е едноставен, а е потребно и големо трпение, бидејќи поради преотоварен сообраќај, често се случува инсталирањето да не е успешно и покрај голем број на обиди. Од друга страна, бидејќи училиштата не обезбедуваат печатени верзии на учебници за четврто одделение родителите наведуваат дека се приморани самостојно да ги испечатат истите. Печатењето во боја на pdf верзиите на овие учебници чини околу 1800 ден. за целиот сет на учебници, што претставува значаен проблем за голем број семејства во социјален ризик, при што учебници постојат само за мајчин јазик, Математика, Природни науки, Историја и општество, додека за другите наставни предмети нема никаков учебник. Дополнителен проблем е тоа што со печатење на pdf верзиите на е-учебници се кршат авторските права на авторите на учебниците, па истите и не можат да се набават во секоја фотокопирница, се вели во соопштението.

Исто така, посочуваат, проблем за кој се бара интервенција од родителите е недостаток од образовни асистенти за инклузираните ученици со попреченост, иако истите имаат потреба од образовна асистенција која е назначена во наодите добиени од Стручните тела за функционална проценка по Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Голем број на образовни асистенти, наведуваат, во меѓувреме го имаат раскинато Договорот за работа со основните училишта со Ресурсен центар, иако ја поминале обуката поради разни причини (самостојна одлука по проценка дека нема да можат да испорачаат добра асистенција, лош прием во некои од основните училишта од страна на самите наставници, стручните служби или раководството на општинските училишта).

Проблем, додаваат, е и немањето лични асистенти за инклузираните ученици со попреченост иако тие имаат потреба од лична асистенција која е назначена во наодите добиени од стручните тела за функционална проценка по МКФ. Имено, родителите известуваат дека сложена е процедурата за добивање личен асистент и дека иако треба да бидат доделени од МОН, всушност ќе бидат обезбедени преку Министерството за труд и социјална политика, а се сомневаат и дека воопшто ќе им биде доделен личен асистент поради недоволниот број на невработени лица заинтересирани за испорака на оваа услуга.

Народниот правобранител со цел непречено, ефикасно и квалитетно образование на секое дете повторно укажува дека државните органи мора редовно да ја мониторираат епидемиолошката состојба и во случај на влошување на истата, Министерството за образование треба да овозможи брзо и флексибилно преминување кон други модели на настава заради заштита на здравјето на учениците, наставниот и ненаставниот кадар од училиштата, односно кон моделите – целосна настава со учење од далечина или комбинирано при што за правилно изведување на комбинираната настава потребно е обезбедување на сите предуслови во училиштата, во прв ред стабилен и брз интернет, како и сериозен пристап од страна на наставниците кои треба да реализираат настава како со оние ученици кои се во училница, така и со оние ученици кои се на онлајн, пришто треба да ја дадат целосната поддршка и кон сите ученици при совладувањето на наставните содржини, посочуваат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Во однос на времетраењето на часовите со физичко присуство, Народниот правобранител укажува да се разгледа можноста тие да се реализираат во пократок временски период, за сметка на одморите помеѓу часовите кои треба да бидат зачестени и со зголемено времетраење.

Според Народниот правобранител, Министерството за образование заедно со локалната самоуправа треба да преземат мерки со цел опремување на училиштата со неопходно потребните дезинфекциско-хигиенски средства и материјали, како и итно да се преземат мерки да се реши проблемот со немање на учебници за сите ученици од сите нивоа од основното и средното образование, а особено да се реши проблемот со е-учебниците за учениците од четврто одделение.

Исто така, додаваат, веднаш да се преземат мерки и дејствија за обезбедување образовни и лични асистенти за инклузираните ученици со попреченост.

Народниот правобранител очекува Министерството за образование и наука да продолжи со заложбите за еднакво, пристапно и квалитетно образование за секое дете, при што сериозно да ги разгледа дадените укажувања од Народниот правобранител, а за преземените мерки, согласно член 34 од Законот за народниот правобранител, да достави одговор најдоцна во рок од 10 дена од приемот на овој допис, стои во соопштението.