Народната банка потсетува дека е во тек Конкурсот за избор на најдобар видеоматеријал на тема „Што значи за мене Народната банка?“, со хаштагот #МојатаНБ. Преку Конкурсот, по повод одбележувањето 80 години централно банкарство во нашата земја, на граѓаните, а особено на младите, им се овозможува од своја перспектива да ги претстават улогата и значењето на централната банка во секојдневниот живот.

Авторот на најдобриот видеоматеријал ќе добие парична награда од 60.000 денари, а персоналниот данок на доход го покрива Народната банка.

Идејата може да се претстави преку анимација, интервју, скеч, документарен запис или друг креативен формат соодветен за социјалните мрежи.

Учесниците можат да изберат една или повеќе теми поврзани со работата на Народната банка: стабилноста на денарот и цените, девизниот курс, сигурноста на банкарскиот систем, безбедното и непречено извршување на плаќањата, девизните резерви или значењето на економските податоци за граѓаните.

Право на учество имаат сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија, со исклучок на членовите на Советот на Народната банка, вработените во Народната банка и членовите на нивните семејства.

Еден учесник може да учествува со најмногу пет видеоматеријали. Видеоматеријалот треба да биде оригинално авторско дело, со времетраење до три минути, и да биде изработен на македонски или на албански јазик. Се препорачува видеоматеријалите да содржат вградени титлови на македонски или на албански јазик.

Учесниците на Конкурсот треба да го објават видеоматеријалот на сопствениот Фејсбук или Инстаграм во периодот од 1 октомври до 31 октомври 2026 година, со задолжително користење на хаштагот #МојатаНБ и означување на официјалниот профил на Народната банка:

· Фејсбук: @narodnatabanka

· Инстаграм: @narodnabanka.mkd

Објавата треба да биде јавно достапна во текот на траењето на Конкурсот.

Твојата идеја може да биде најдобрата приказна за Народната банка! Вклучи се во Конкурсот, сподели ја својата креативност и покажи им на другите што значи за тебе Народната банка!

Повеќе информации за условите за учество се достапни на врската Конкурс „Што значи за мене Народната банка?“