СДСМ не е алтернатива, туку стара приказна без визија за иднината
На денешниот митинг во Крива Паланка, во рамки на кампањата „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека општината заслужува промени. Тој оцени дека на овие избори се одлучува иднината на Паланка и дека СДСМ не е алтернатива, туку партија заглавена во бизнис спрегите на оние кои ја водат.
„Сега дошол овде и ни кажува како тој ја доживува реалноста. Не сфаќам како може човек без образ да зборува и да се прави дека е некој друг. Тоа во медицината го викаат патологија. Патологија својствена за еден човек што ставаше рака на срце кога се колнеше во македонската жица. Но, очигледно, тоа било заразно, па тој вирус денес го има фатено и овој нов претседател на СДСМ, Венко Филипче. Вирусот започнува со чувство на самодоверба. Расте, расте … додека не прерасне во чувство на божественост. Следниот симптом? – раката на срце! Човекот што го има вирусот, инстинктивно, што и да зборува, ја става раката на срце и се колне“, рече Мицкоски.
Мицкоски ги откри „симптомите“ на вирусот на СДСМ и го прогласи народот за лек
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека вториот симптом на вирусот е однесувањето како да не е од овде и заборавањето на минатите грешки.
„И што е најинтересно, понекогаш и самиот верува во тоа што го зборува. А кога не верува тој, верува тогаш оној што му дава насоки и му го пишува говорот. Потоа доаѓа втората фаза, а тоа е заборавањето. Заборава дека другите го знаат. Заборава дека имал шанса да направи нешто. И не само што ја прокоцкал, туку е директно виновен. За трагедии. За корупција. За предавства. За срам, којшто и го нанел на својата држава“, додаде Мицкоски.
Тој посочи дека јахтата и луксузот се следни симптоми, а најсилниот симптом е лажењето.
„Тоа е неверојатно! Што да каже човекот, апсолутно е невистина и лаже. Измислува реалност што му одговара и живее во неа како да е нормално. За овој вирус има две вакцини, каде првата делумно помага, а втората, целосно лекува. Таа вакцина е силна. Достоинствена и во согласност со сите демократски стандарди. Таа вакцина, тој лек се вика народот на Македонија и тој народ ќе им се случи за неколку дена од денес, на 19 октомври. Народот е лекот и со силата на тој лек, Македонија ќе победи“, порача Мицкоски.