Народот е посилен – крај на криминалот и лицемерието на СДСМ

На денешниот народен митинг во општина Ѓорче Петров, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека народот е посилен и ќе победи. Ја постави „чесноста на СДСМ“ како клучно прашање за локалните избори 2025. Тој ја критикуваше претходната влада за, како што рече, „криминални и партиски практики“ кои влијаеле на судството и обвинителството.

„Сакам уште една работа да одговорам околу неговата ‘чесност’. Ја слушам и гледам една валкана кампања која ја тераат неговите прокси играчи и дебело платени мегафони со украдените пари. Слушаме приказни за тоа колку власта била нечесна, иако 7 години беа на власт, трипати ни го чешлаа секој денар и видоа дека нема ништо. Но, ајде да зборуваме за нивната чесност. Се сеќавате ли дека Венко Филипче заборави да пријави дека во Бугарија има фирма? Се сеќавате ли дека фирми кои работеа во РЕК префрлаа пари во Бугарија на други фирми блиски до струмичкото лоби и до братот на поранешниот премиер?“ – запраша Мицкоски.

Тој потсети и на ковид вакцините, набавени преку фирми „втора рака“ по трипати повисока цена, како и на монтажната зграда која му изгoре на Филипче, градена без одобрение.

„За сите овие работи Филипче треба да одговара. Но, кога ќе се покрене тоа прашање – молк. Зошто? Затоа што над 80 кривични пријави и случаи се ставени во фиока, а таму 7 години се редеа послушни партиски кадри. Клучот е кај Венко.“

Судството мора да биде независно и правда за сите

Мицкоски истакна дека по локалните избори следат промени во судството и обвинителството.

„Судството мора да биде независно и да има правда за сите. Знам дека таму не се собрани само интересите на СДСМ, туку и на ДУИ и на сите криминалци заедно. И нека се лутат колку сакаат, но ќе кажам: не само што не ги заслужуваат платите, туку и тие им се превисоки за таа неработа. Се разбира, има исклучоци, но сите други ја прават сликата јасна – ќе има промени и одговорност.“

„Македонија мора да успее и да победи. Затоа овие избори се важни. Да испратиме порака дека доаѓа крај на лицемерието, крај на криминалот и дека народот е посилен од ова сидро кое ја влече државата надолу. Затоа ќе победиме и ќе работиме за заедничка иднина,“ заклучи Мицкоски.