Туркије или Турција? Како е правилно? Одговор дадоа др. Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како и реномираниот професор Људмил Спасов.

-Некои медиуми почнаа да го применуваат ‘новото име’ на Турција, но тоа е погрешно.

Претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов, вели дека името на државата Турција останува исто на македонски јазик.

– Ние си имаме наша транскрипција. На пример, не велиме Финланд, туку Финска, не велиме Дојчланд, туку Германија, не велиме Шќиперија, туку Албанија. Или, на пример, кај нас не е Београд, туку Белград. Во ред би било ако се пишува од влада до влада да стои и новото име во заграда, но за наша домашна употреба останува исто – Турција, а со тоа и изведенките си остануваат исти, вели тој.

Причините за промената на името се повеќе, меѓу кои и фактот што Турки на англиски значи и ‘мисирка’. Турците очигледно сакаат да ја сменат таа традиција и го менуваат името на државата за меѓународна употреба на начин како тие го изговараат името на својата држава – дома. Значи, Туркије за меѓународна употреба.

На оваа тема преку Фејсбук статус се обрати и Елка Јачева, а нејзината објава ви ја пренесуваме во целост.

Аман, луѓе!!! Турција на македонски во македонски текстови на кирилица си е Турција.
Туркије/TÜRKIYE на латиница и во меѓународна употреба. Како сте тргнале и севернава, кај северна – па и Норт Маседониа ќе ја завикате.
П.С. Гледајте го парадоксот, сега, подолу.
Имено, на ова Туркије инсистира Турција за да се избегне англискиот назив за Турција, Тurkey, што во превод од англиски би било ,,мисирка”. Е сега, подолу ќе видите како Турција и натаму си е Мисирка на англиски, ама на македонски Турција станала Туркије.
П.С.2 И новинската агенција е Анадолија а не Анадолу. Ова У во АнадолУ е генитивна наставка, а ние на македонски, како јазик во кој нема падежи, ги цитираме имињата така како што тие во јазиците со падежи гласат во номинатив, како основна неутрална форма. Ќе се обидам да објаснам преку српскиот. На македонски велиме: улица ,,Стеван Сремац”, или улица ,,Кочо Рацин”, а на улица СтеванА СремцА или КочЕ РацинА.

Ништо од сево ова ќе го немаше, да имавме Комисија за стандардизација за географски и други имиња! Ама кој да ме слуша мене вака ем небањата ем ,,опасна вмровка” без тапија!