Европската автомобилска индустрија е во длабока криза и нејзините компании се затвораат, додека луѓето во Европа наскоро претежно ќе возат кинески автомобили, изјави синоќа рускиот претседател Владимир Путин.

„Европската автомобилска индустрија, па каде е? Во длабока криза. Компаниите се затвораат. Наскоро сите ќе возиме кинески автомобили. Не знам дали тоа е добро или лошо, но тие се евтини и квалитетни“, рече Путин на пленарната сесија на Меѓународниот дискусионен клуб „Валдај“ во Москва, пренесува „Комерсант“.

Путин изјави дека кинеските автомобили веќе се широко користени во Русија и оцени дека соработката меѓу двете земји е взаемна.

Тој додаде дека уделот на руските индустриски стоки на кинескиот пазар постојано расте, според Танјуг.