Наскоро ќе биде објавен тендер за изведувач на доградбата на двете згради кај Ректоратот на УКИМ што ќе ги користи Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Во моментов трае периодот за сугестии за архитектонското решение, кое се разликува од првичното од пред десетина години.

Тоа мислам ќе се заврши многу скоро, во денови го броиме времето, потоа ќе се распише тендер за изведувач за доградбата. И тоа ќе трае најмалку шеесетина дена, или деведесет дена, и потоа ќе пристапиме кон реконструкција на овие згради – изјави министерката Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по увидот во завршните активности од темелната реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.

Како што рече, целата процедура траела малку подолго поради потребата да се утврди состојбата на недоградените објекти и во колкава мера тие се оштетени.

Овие згради 10 години стојат така непипнати, на време и невреме. Тоа го направивме со УКИМ, предводени од Градежниот факултет и претставници на многу факултети – Машинскиот, ФЕИТ, Архитектонскиот, исто така беше вклучен и ИЗИИС. Тоа се направи, потоа побаравме идејно решение, добивме идејно решение, па распишавме повторно тендер за архитектонско решение и тоа е сега при крај. И тоа малку потраа затоа што фалултетите даваат сугестии за архитекстонскто решение, кое не е исто како тоа што било претходно – соопшти Јаневска.

Минатата година беше одлучено двете згради во кампусот на УКИМ да му припаднат на ФИНКИ, а за Факултетот за физичка култура (ФФК), за кој со планот од 2013 беше наменета еден од нив, ќе се гради објект на сегашната локација на факултетот.